Пендаровски: Влогот во младите иноватори е влог во нашата иднина

Влогот во младите иноватори е влог во нашата иднина. Од интерес на нашата држава е македонските пронаоѓачи да го најдат своето место во нашите научни и образовни институции и активно да придонесуваат за својата татковина, порача денеска претседателот Стево Пендаровски, на отворањето на МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019.
Пендаровски, кој е покровител на манифестациите, рече дека е потребно систематски да се работи за зголемување на бројот на млади иноватори, зошто битно е секој што има потенцијал и креативност да дојде до услови за негово реализирање.
– Младите пронаоѓачи се иднината на нашето иноваторство. Мора да вложуваме во нив и да им помогнеме да напредуваат и да се усовршуваат, порача Пендаровски.
Секое одговорно општество, порача претседателот Пендаровски, ги стимулира пронаоѓачите.
– Човечкиот потенцијал може да биде пресуден за нашиот развој, имајќи ги в предвид ограничените ресурси и географската местоположба, рече Пендаровски.
Во период кога се соочуваме со зголемено аерозагадување, посочи тој, треба посебно вниманието да се посвети на пронајдоци чија цел е подобрување на животната средина.
– Инвестирањето во овие пронајдоци може да придонесе за подобра животна средина и подобар живот за сите нас, рече Пенсаровски.
На меѓународната изложба МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019 пријавени се 113 учесници од кои 75 од Република Северна Македонија и 38 учесници од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Република Српска и Словенија.
Пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско-истражувачко и креативно творештво ќе бидат изложени и може да се видат до 10 ноември во Музејот на Град Скопје.
МАКИНОВА 2019 се одржува по 40-ти пат, во организација на Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија – СПАТУМ и Народна техника на Македонија по повод Светскиот ден на науката. Изложбата МАКИНОВА 2019 е придружена по 17-ти пат со изложбата ЕКОНОВА 2019 на иновации, пронајдоци и идеи чија цел е подобрување на животната средина.