Пендаровски: Веројатно Бугарија ги научи лекциите од Грција дека, ако не блокира сега, нема кога

Сите мислевме дека со тие забелешки ќе можеме да ги почнеме преговорите. Веројатно Бугарија ги научи лекциите од Грција дека, ако не блокира сега, нема кога, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски во гостувањето на телевизија Канал 5.

Не би сакал, нагласи Пендаровски, да станеме неславни рекордери во чекалната, меѓутоа најтешката работа е првото вето, односно да ги убедиш сите дека не се согласуваш, потоа според аналитичарите се е полесно.

Минатата година, посочи Пендаровски, реков дека бугарската страна полека почна да ја политизира работата во Комисијата и почнаа да наметнуваат рокови до кога треба да се заврши нешто, што почна да станува симптоматично.

Според Пендаросвки, во 2017, 2018 и 2019 година немало никаква најава од Бугарија дека ќе излезе надвор од Договорот.

– Бугарските барања последните месеци излегуваат надвор од параметрите. Неоспорно е тоа, рече Пендаровски.

Обелодени дека било предложено во Комисијата како експерти да бидат вклучени германски стручњаци кои би помогнале како трета страна, но оти тоа било одбиено од страна на Бугарија.

– Јас тврдам дека овој формат во кој само бугарски и само македонски историчари седат нема да продуцираат добри резултати. Се додека не се приклучи барем трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок. Ние имаме и дадено предлог за да се вклучат двајца експерти од Германија, но тоа беше офрлено од Бугарија изјави Пендаровски.

Ние имаме договор и додека не договориме во него што ќе правиме, рече Пендаровски, не треба да има менување ниту на учебници, ниту на споменици.

– Прво ние можеме нешто да вметнеме во нашите читанки откако историските комисии ќе постигнат договор. Пред тоа да се парафира од двете страни, ние не можеме тоа да го правиме и да менуваме плочи, нагласи Пендаровски.

Истакна дека од наша страна ќе продолжи имплементацијата на Договорот.

– Да нема илузии во јавноста. Нема друг начин да влезе во ЕУ ако не го реализираме Договорот со Бугарија и тоа е нашата намера да го правиме. Да продолжиме во сите делови, нагласи Пендаровски.

Во однос на Чешка и Словачка кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност.

– Чешка и Словачка рекоа што рекоа и го блокираа предлогот на Германија. Ние не сме дел од таа дебата, не сме членка. Вчера разговарав со двајцата амабсадори и изразив огромна благодарност, но сепак тоа е за нивна одбрана, не наша, рече Пендаровски.

Во однос на Русија и зошто не реагираат, Пендаровски рече дека тоа е бидејќи не се членки, но дека секогаш јасно посочуваат дека станува збор за македонски јазик.