Пендаровски вели: Мора да бараме алтернативи, САД на прво место
Претседателот Стево Пендаровски денеска го отвори прашањето дека доколку продолжи понатаму блокадата на Бугарија, а ЕУ го држи под мраз проширувањето Македонија „мора да бара алтернативи“. Зборувајќи на панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“, во организација на невладината организација „Еуропроспера“, Пендаровски рече дека „треба да ја донесеме Европа дома“, но поважно „треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“.
Пендаровски говореше за неуспехот на процесот на проширување, за принципот на консензус како причина за блокадите во ЕУ и парализираност во носењето брзи одлуки.
„Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, рече Пендаровски.
Осврнувајќи се на блокадата од Софија Пендаровски го повтори ставот дека ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, не ни e потребна ЕУ.
„Сѐ што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, се лаже“, потенцираше Пендаровски и додаде дека останува да очекуваме по конституирањето на новата бугарска Влада да кажат како ќе излеземе од оваа ситуација којашто самите ја создадоа.
На панел дискусијата претседателот Пендаровски го оцени како одличен португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, објаснувајќи дека според него се декларираат позициите на двете страни.