Пендаровски утре во официјална посета на Република Србија


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Република Србија каде ќе биде примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Пендаровски, утре во Палата Србија во Белград, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има тет-а-тет средба со српскиот претседател Вучиќ, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Северна Македонија и на Република Србија.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, и со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.

Во рамки на официјалната посета, Пендаровски ќе оствари средба и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија, Марко Чадеж и српски стопанственици.

Во сабота, Пендаровски во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.