Пендаровски утре оди во Бугарија


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на државата Стево Пендаровски, на покана на претседателот на  Бугарија, Румен Радев, утре во Софија ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.

На церемонијата, што ќе се одржи во Националната палата на културата во Софија, ќе присуствуваат и Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, Илхам Алиев, претседател на Азербејџан, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Николае Чука, премиер на Романија и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како што соопштија од Кабинетот на шефот на државата, предвидено е претседателот Пендаровски да одржи средби со Радев и Фон дер Лајен.

Гасниот интерконектор Грција – Бугарија ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.