Пендаровски: Убеден сум дека охриѓани ќе го заокружат бројот 1


 

Во неделата вечерта претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше на граѓански митинг во Охрид.

Посочувајќи дека го одржал ветувањето дадено пред охриѓани дека ќе биде претседател на сите, Пендаровски рече дека, ако повторно ја добие нивната доверба, и во следните 5 години нема да работи на поделби меѓу граѓаните и нема да работи на поделби меѓу Македонците и останатите кои живеат во државата. Вети дека сите милион и осумстотини илјади жители на Македонија ќе ги третира како членови на неговото семејство.

„Не постои ниту еден граѓанин во Македонија кој може да каже дека е дискриминиран од мене затоа што не е Македонец, затоа што е Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, било што. Не постои ниеден граѓанин на Македонија кој може да каже дека не ги добил своите права или не добил прием кај мене, не разговарал со мене за своите проблеми затоа што не е член на СДСМ, на НСДП, на ЛДП, на било која партија од владејачката коалиција. Секој кај мене кој побарал дошол, бил сослушан и колку што ми биле потенцијалите и можностите сум се трудел да му помогнам“, подвлече Пендаровски.

„Македонија може да продолжи кон Европската унија само со оваа политичка структура, затоа што ние знаеме што подразбира Европската унија. Ние имаме пријатели надвор, за разлика од нив, и ние знаеме до каде може да се оди во тие преговори, затоа што научивме да ги заштитуваме македонските национални интереси како ниедна друга влада претходно. ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше дека ги штити нашите национални интереси, меѓутоа 11 години не мрдна со малиот прст било што да направат во тие преговори. Во тие 11 години Македонија беше изолирана држава без пријатели надвор“, заклучи Пендаровски.

„Убеден сум дека ќе заокружите број 1, бидејќи на дело покажав дека не ми е важен рејтингот, туку просперитетот на мојот народ и на мојата држава“, рече тој.