Пендаровски: Стоковите резерви на државата се полни, проблем ќе биде ако кризата во Украина трае подолго


Фото: Б. Грданоски

 Државата има доволни стокови резерви за задоволување на потребите на граѓаните, но проблем може да настане доколку кризата во Украина потрае подолго и тогаш ќе бидат потребни интервентни увози, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски гостувајќи во „Утрински брифинг“.

Тој нагласи дека токму за ова било разговарано и на вчерашниот Совет за безбедност, заедно со прашањата поврзани со безбедносните аспекти.

– Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата, туку и на житото, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека немал комуникација со рускиот амбасадор во земјава, а веројатно нема ниту Владата, но бидејќи земјава како членка на НАТО се приклучи на санкциите кон Русија очекува реципрочна мерка од страна на Москва.

– Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не верувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини, а тоа не може да се сопре, вели претседателот Пендаровски, додавајќи дека ситуацијата во Украина се компликува, а целта на руските сили е да падне Киев за да почнат преговори.