Пендаровски: Со промена на Уставот ќе се покаже кој е за ЕУ, а кој не е


Можно е Северна Македонија да стане земја – членка на ЕУ до 2030 година, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, повикувајќи по ова прашање да постигнеме реален национален консензус. Истовремено тој го отвори и прашањето за тоа дали ЕУ ќе биде толку фокусирана на Западниот Балкан по завршување на војната во Украина.

-Дали е можно членство до 2030-та? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори, и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ. Меѓутоа не сум сигурен во овој контекст за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус. Во овој момент по тоа прашање го немаме. Зборуваме за реален реторички консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате години и години додека траат преговорите. Второ, не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот, истакна Пендаровски.

Во изјава за медиумите одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето шефот на државата за националниот консензус за влез во ЕУ истакна дека сите политичари велат дека се за ЕУ, но дека  кога ќе се постави прашање дали под овие услови и со оваа преговарачка рамка половина ги нема.

– Јас реков дека не постои. Значи, ние сме се наслушале за реторички национален – државен консензус. Кога ќе ги прашаш сите политичари дали сте за ЕУ – да. Кога ќе речеш, под овие услови со оваа преговарачка рамка и половината ги нема. Значи, ние во моментов за жал немаме национален консензус да продолжиме кон ЕУ, истакна Пендаровски.

Прва обврска, според него, во таа смисла е промената на Уставот.

-Тука треба да се покаже дали си за ЕУ или не си, затоа што содржината на преговарачката рамка ни е позната. Конкретното барање да ги внесеме Бугарите како дел од народот во Преамбулата е познато. Ако имаме шест делови од други народи кои живеат плус Македонците што е спорно, како македонската држава ја рушиме ако внесеме уште Бугари, Хрвати, Црногорци, можеби Евреи и.т.н., рече Пендаровски.

На прашањето дали тој може да помогне за постигнување национален консензус, шефот на државата вели дека од аспект на она што го слуша опозициските партии нема да го сменат ставот надевајќи се дека ќе победат на следни избори.

-Позициите на главните опозициони партии се толку вкопани во таа партиска реторика од која очекуваат веројатно успех на следните избори и затоа не ја напуштаат што навистина не гледам простор, никаков маневарски простор дека можам тука да помогнам. Значи, ставовите се такви. Имате заверени изјави кај нотар дека ни на сон нема да потпишуваат промена на Уставот, истакна Пендаровски.

Решението, според него, е постојано јавно да објаснуваме дека ако ги ставите Бугарите во Преамбулата не ја рушите државата, дека се работи за една сосема бенигна ситуација во која ние веќе имаме, да повторам, шест делови од народ, плус македонскиот народ и гледаме дека тоа е 20 години наназад во конституцијата и ние не гледаме дека Македонија е пропадната заради тоа.

Во обраќањето на амбасадорска тркалезна маса, насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и
Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ во организација на Советот на
амбасадори, Пендаровски исто така кажа дека ЕУ направи неколку крупни исчекори освен кон Западниот Балкна додели кандидатски статус на Украина, на Молдова и на БиХ, а тоа никогаш не би го добиле ако не беше војната во Украина.

-Геостратешките резони почнаа да доминираат и во логиката на ЕУ. Ако е тоа точно, прашувам кога ќе заврши војната во Украина, дај боже денеска да заврши, дали тие геостретшки резони на Унијата ќе исчезнат и ЕУ ќе се врати на својот стандарден вокабулар и политичка агенда во однос на интеграциите, рече Пендаровски.

Својот говор тој го заврши со одговор во форма на прашање на првиот дел од насловот дали постои дилемата за исток и запад за која мислевме дека е одговоривме во прилог на западот 30 години порано.

-За мене е неспорно каде припаѓаме и каде треба формално да бидеме членки. За оние кои се колебаат, а бројката на луѓе кои ја поставуваат таа дилема последнава година расте, за жал,  прашањето е дали истокот, мислам пред се на Руската федерација нуди решенија за нашите најголеми проблеми, истакна тој.

Во однос на меѓународнот опкружување годинава, Пендаровски кажа дека ЕУ и САД имаат најголема синхроинизација од 90-тите до денес, што според него е добро.

-Специфично за Западниот Балкан е по војната во Украина, Европа е повторно во фокусот на надворешната политика на САД, а со тоа и Западниот Балкан затоа што според проценката на сите експертти, ако Русија се обиде да го одвлече вниманието на целокупната западна алијанса која и помага на Украина, тоа полесно ќе го направи на Балканот отколку на Балтикот. Првпат по кумановскиот договор 99-та и Охридскиот договор 2001 стабилноста на Западниот Балкан е политичкиот приоритет на меѓународната заедница, а не интеграциите, рече Пендаровски.

Претседателот на државата предупреди дека безбедносната компанонета на Западниот Балкан се враќа на голема врата.

На амбасадорска тркалезна маса, насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ денеска обраќања имаа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, како и евроамбасадорот Дејвид Гир.