Пендаровски: Скопје и Белград имаат исти цели, „Мал Шенген“ не треба да е замена за ЕУ


Србија и Северна Македонија, како две соседни и пријателски земји кои немаат отворени прашања и делат и заедничка историја и стратешка цел – членство во ЕУ, имаат иста визија за иднината, пред се да ги задржат младите во своите земји, вели претседателот на нашата држава, Стево Пендаровски, во интервју за српска Политика.

Сепак, новата методологија на претседателот на Франција Емануел Макрон, со која треба да се реформира ЕУ и да го утврди новиот пристап за членство во оваа меѓународна организација, ги успорува пристапните преговори за балканските земји, додаде тој.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски се осврна и на средбата со Макрон на Парискиот мировен форум, пренесувајќи ја пораката дека Франција сака да ја види нашата земја како дел од европското семејство.

„Во Париз учествував на Парискиот мировен форум, во чии рамки се сретнав со францускиот претседател, Емануел Макрон. Оваа средба беше од големо значење за нашата земја. Франција е земја која има демократија долга од два и пол века, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, основач на НАТО, член на Г-7, силна економија и земја меѓу основачите на ЕУ, како и една од најголемите сили во Унијата. Разговорот со претседателот Макрон беше динамичен и беше одлична можност да му ги претставиме нашите аргументи за членство во ЕУ, потенцирајќи дека европските интеграции се нашата стратешка цел и дека сме подготвени за преговори и со изменета методологија за претпристапни преговори за членство. Претседателот Макрон ме увери дека Франција би сакала да нè види како дел од ЕУ, но исто така ми го образложи нивниот став за реформите на методологијата на преговори, дека нема намера да понуди алтернатива за нашето членство во ЕУ, туку да го подобри процесот. Изрази подготвеност да ја посети Северна Македонија во првата половина на 2020 година и да им објасни на нашите граѓани какви биле неговите ставови, односно функционалното подобрување на пристапниот процес, а не само формалностите. Останува на нас да продолжиме со реформите, да излеземе со нова методологија за спроведување на претпристапните преговори и се надевам дека наскоро ќе добиеме позитивни вести за нашите европски интеграции“, истакна Пендаровски.

Иницијативата „Мал Шенген“ е неизбежна тема, а претседателот Пендаровски не заборави да даде свое видување на сето тоа.

„Иницијативата за „Мал Шенген“ е тема на разговор и кај нас и сметам дека во овој момент сме на самиот почеток и внимателно ги правиме плановите. Во осовновата на овој концепт се четири таканаречени слободи – движење на луѓе, капитал, стоки и услуги – со цел да се тргнат сите трговски бариери и да се олесни движњето на трговијата во регионот. По мое мислење, на ова не треба да се гледа како на замена за членство во европските институции, но исто така сметам дека треба да се размисли за форматот на иницијативата, затоа што сегашната структура не ги опфаќа сите земји кои се дел од Западен Балкан и во таа насока може да отвори прашања колку би била функционална во пракса ако во неа членки бидат само три земји, со оглед на тоа дека поголема вклученост на пвоеќе земји од регионот нудат подобар просперитет за целиот регион.

Пендаровски на крајот истакна дека Србија и Северна Македонија како две соседни земји се поврзани преку институциите, бизнисот културните и семејните врски и традициите.