Пендаровски: Шпанија на 17 март ќе го ратификува Протоколот за НАТО


Сенатот на Шпанија на 17 март ќе одржи пленарна седница на која ќе го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, рече на денешната прес-конференција претседателот на државата Стево Пендаровски.

-И покрај состојбата во Шпанија која е исклучително лоша, бидејќи Шпанија е во високоризичните држави, тие на 17-ти овој месец закажаа седница на Парламентот на која дел ќе биде и преку видеолинк и ќе има само една точка на дневниот ред, а тоа е ратификацијата на Пристапниот протокол за нашата држава за членство во Алијансата. Колку е голема солидарноста на шпанскиот Парламент, мнистерката за родова еднаквост е заразена со вирусот, а во самоизолација е и вицепремиерот на шпанската Влада, рече Пендаровски.

По ова, како што додаде, на 17-ти март очекуваме само уште потпис од шпанскиот крал.

– Јас на мојата недамнешна куса средба во Ерусалим добив директна потврда и гаранција дека тоа ќе биде завршено практично истиот ден кога и ќе стигне тоа за потпис во неговиот кабинет, додаде Пендаровски.

За жал поради коронавирусот, рече Пендаровски, ние не можеме да го организираме настанот со кој сакавме на еден симболичен начин да го покажеме нашето физичко практично пристапување кон НАТО-Алијансата.

-На 23-ти овој месец веќе имавме договорено настан во американскиот Стејт департмент каде што требаше домаќин да ни биде Мајк Помпео, државниот секретар во присуство на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со висока делегација од тука за да го депонираме пристапниот Протокол кој  ние го ратификувавме во нашиот Парламент пред време. Во оној момент кога физички го депонирате тој пристапен Протокол во државата и во институцијата која практично е домаќин на организацијата, а таму со Вашингтонскиот договор е направена таа организација во 1949 година, вие станувате полноправна членка, појасни Пендаровски.

На крајот на овој месец или почетокот на следниот, како што посочи Пендаровски, се предвидува слична  свечена манифестација во седиштето на НАТО со кревање на македонското знаме како 30-та земја членка, меѓутоа тоа повторно ќе зависи од состојбите со коронавирусот бидејќи Белгија е во групата на високоризични држави.

Шпанија е последната земја од членките на НАТО, која сè уште не го ратификувала Протоколот. Процесот таму се одолжи поради изборите и формирањето на Владата. Протоколот кај нас, пак, беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и предвремените парламентарни избори.