Пендаровски: Шансите на идната лидерска да се договори датум за избори се 50:50


Претседателот Стево Пендаровски изјави вечерва дека не е сигурен оти на следната лидерска средба може да падне договор за датумот за одржување на изборите. Тој шансите за договор ги сведе на 50:50.

Во интервјуто за ТВ24 Пендаровски рече дека на минатата лидерска средба не се зборувало за конкретен датум, но дека имало различни назнаки од партиските претставници. Иако, начелно, тие зборувале за гласање во текот на летото, „најмалку една партија била за тоа изборите да се одржат на крајот на летото“, што значи во последните денови на август или почетокот на септември.

Пендаровски вели дека не може во името на партиите да го одреди датумот (иако неговата улога е повеќе на медијатор), дека тие се оние што преку консезуална одлука треба да се договорат, затоа што би била незамислива ситуација за македонската иднина некој да го бојкотира изборниот циклус.

Тој исто така смета дека треба да се преиспита одлуката за доделување пари од Буџетот на политичките партии, но оти иницијативата за тоа треба да дојде од Парламентот односно идните пратеници.

Пендаровски кажа дека 10 милиони евра, пари кои им се даваат на политичките партии кои освоиле најмногу гласови на изборите, е срамно и несразмерно согласно нашиот животен стандард.

– Тоа се огромни пари. Тоа е неверојатно. Навистина мислам и да не е коронава, ние сме сиромашна држава, 10 милиони за политичките партии е срамно. Која било партија, колку и да добива тоа е прилично несразмерно, спрема нашиот животен стандард, рече Пендаровски.

Претседателот посочи на реакциите и апелите од обичните граѓани дека партиите се навистина, како што рече, посебно згрижени како организации во оваа земја, а не би требало да биде така.