Пендаровски: Постигнавме значителен напредок во политичкото учество на жените

Се соочуваме со невообичаени предизвици во време на КОВИД-19, кои, за жал, ги продлабочија пред-пандемиските родови нееднаквости, рече претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во неговото обраќање по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените. што се одржа во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации на тема „Забрзување на реализацијата на родовата еднаквост и еманципирањето на сите жени и девојки“.

Тие само ја нагласуваат важноста на трансформативната глобална визија за еманципација на жените и девојките, во согласност со она што е утврдено во Пекиншката декларација и Платформата за акција, истакна претседателот Пендаровски, во својот говор упатен преку видео-поракa.

– Четвртина век подоцна, заложбите од Четвртата светска конференција остануваат моќен потсетник за нашите нецелосни потфати, но, и инспирација за мобилизација и одговорност за обврските што ги преземавме за родова еднаквост, наведе претседателот Пендаровски.

Тој уште додаде дека Северна Македонија е меѓу земјите-членки што ја поддржаа Пекиншката декларација и се обврзаа да постигнат родова еднаквост преку отстранување на системските бариери и соодветно овозможување на еднакви права и слободи за сите жени.

– Во текот на последните две децении, го подобривме законодавството и воспоставивме институционални механизми за унапредување на родовата еднаквост. Забележавме значителен напредок во образованието, делумен напредок во здравјето и репродуктивните права на жените и во спречувањето и заштитата од родово засновано и семејно насилство, посочи Пендаровски.

Исто така тој наведек дека во Северна Македонија, е постигнат значителен напредок во политичкото учество на жените како резултат на квотите за застапеност во Собранието.

– Општо земено, 78% од националните развојни планови се усогласени со петтата цел за одржлив развој – постигнување на родова еднаквост, рече претседателот во својот говор.

За исполнување на неопходните промени утврдени во Пекиншката декларација, претседателот Пендаровски, рече дека престои долг пат, додавајќи дека напредокот е сè уште недоволен за надминување на бариерите кога станува збор за вработувањето, дискриминацијата на пазарот на трудот, родовиот јаз во платите или неплатената работа во домот.

– Ние се обврзавме да работиме на петтата цел за одржлив развој, особено на елиминација на сите форми на насилство врз жените, нивен пристап до правда и сеопфатно учество на секое ниво и еднаков пристап до економски ресурси. Паралелно со сето ова, имаме огромен предизвик да ги смениме родовите стереотипи, рече Пендаровски.

На крајот на неговиот говор претседателот додаде дека не смееме да ги изгубиме достигнувањата од изминатите децении и дека мора да ги поддржуваме феминистичките движења, преку посветена работа и мултилатерална соработка на национално, регионално и глобално ниво.