Пендаровски се сретна со Лајчак


Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020”, денеска во Братислава оствари средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации поврзани со најновиот развој на настани во регионот, предизвиците со кои се соочува регионот особено во поглед на регионалната стабилност, како и значењето на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија.

Во таа насока, претседателот Пендаровски го информираше Лајчак дека Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ за кои се очекува формален почеток за време на германското претседателство.

Лајчак посочи на Северна Македонија како исклучително позитивен пример во регионот истакнувајќи го многу значајниот напредок постигнат во изминатите години.

Претседателот Пендаровски го информираше високиот преставник и за актуелните состојби во земјава и изрази задоволство од нивната редовна комуникација и размена на информации од заемен интерес.