Пендаровски се сретна со амбасадорите на земјите од Вишеградската група


Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група, акредитирани во Република Северна Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Војциех Тицињски, на Чешката Република, Мирослав Томан, на Словачката Република, Хенрик Маркуш и на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.

Изразувајќи задоволство од одржувањето на традиционалната годишна средба, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на континуираната и интензивна соработка меѓу Република Северна Македонија и земјите од Вишеградската група и очекувањето за нејзино продлабочување во претстојниот период.

Во контекст на аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски се заблагодари за континуираната силна и гласна поддршка од страна на земјите од Вишеградската група во рамки на европските институции.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања врзани со почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски оцени дека одложувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција може да го наруши кредибилитетот на процесот на проширување и ќе има негативно влијание на регионалниот развој и стабилноста на Западниот Балкан.

Претседателот нагласи дека нема план Б за европската иднина на земјата, посочувајќи дека интензивно се работи на планот А, а тоа е членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски рече дека ќе продолжат напорите за надминување на проблемот и го реафирмираше ставот дека за идентитетот и јазикот, како основно човеково право на самоопределување, нема да се преговара.

На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19.