Пендаровски сака новa влада со чисто антикорупциско досие

Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше и се обрати на Вебинар на тема „Геополитичките проблеми на Западен Балкан среде Корона криза; Евроатлантска перспектива“ организиран од Алумни асоцијацијата Маршал Центар на Република Северна Македонија, во партнерство со Маршал Центарот од Гармиш и Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

Претседателот Пендаровски рече дека пандемијата од Ковид-19 фундаментално го промени целиот свет и предизвика огромен негативен ефект. Го посочи и притисокот врз нашиот здравствен систем, за кој рече дека беше исто така огромен, но за среќа ние не допревме до горните граници на неговите капацитети и успеавме да избегнеме колапс на националниот систем.

Претседателот се осврна на дезинформациите и хибридните кампањи поврзани со Ковид-19 и нивното искористување и злоупотреба. Во „океанот од лоши вести“, потсети претседателот Пендаровски, добра вест беше што станавме членка на НАТО во март, што без сомнение е клучен стратешки чекор напред што го направи Северна Македонија во целата своја пост-комунистичка историја.

„Тоа ни овозможи да ги искористиме механизмите за координација на НАТО и официјалните билатерални врски со другите земји-членки, со цел подобро да се подготвиме за кампањата на дезинформации која беше засилена кога влегувавме во предизборниот период“, истакна Претседателот.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува регионот, како и ЕУ во услови на Корона-кризата порача дека регионот има потреба да има европска перспектива. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека оваа есен ќе се постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ. Според најавите,  деновиве, треба да имаме нова Влада од која, додаде Претседателот, очекувам целосно спроведување на ЕУ агендата во клучните области.

„Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“, порача Претседателот Пендаровски.

Тој оцени дека недостатокот на ЕУ перспектива секогаш ги поттикнува алтернативните политички агенди и дека за време на пандемијата видовме многу вакви примери.