Пендаровски: Роденденот на Делчев беше искористен за кревање тензии од другата страна


Фото: Б. Грданоски

Се влошуваат односите со Бугарија,  а роденденот на Гоце Делчев сосема непотребно беше искористен за кревање на тензии од другата страна, изјави денес претседателот Стево Пендаровски на прес конференцијата со унгарската претседателка. Според него, Македонија сто отсто го положикла испитот и на 4 февруари покажала како треба да се одбележи голем настан.

„ Ние на 4-ти февруари како држава го положивме испитот и покажавме како една европска држава треба да се однесува со почитување на правата на луѓето да оддадат почит на големиот револуционер и да се изолираат сите кои предизвикуваат инциденти. Сите оние сакаа да влезат во РСМ го направија тоа и им беше овозможено да отидат на гробот на Гоце Делчев. Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата, заработија депортација и прекршочна казна. Сите европски држави го прават тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Бугарија на кој му било одбиено да влезе во нашата земја и да оддаде почит, освен оние кои правеа проблеми, вели Пендаровски.

Претседателот нагласи и дека она што го прават македонските Бугари во Брисел и во Софија не е ништо ново.

„Иако беа примени и од мене и од другите власти, иако според сите меѓународни норми државјаните во Северна Македонија треба ,ако мислат дека им се загрозени, да ги барат своите права од македонските институциите, тие го избраа погрешниот пат. Тоа не значи дека нема да ги сервисираме нивните потреби, но мислам дека попусто го губат своето време барајќи помош во европските институции, во судот во Стразбур, без претходно да не го објаснат нивниот проблем во Скопје“, додаде Пендаровски.

Тој ја коментираше и најновата декларација на бугарскиот парламент порачувајќи дека таа не се разликува битно од претходната, а генерално овие случувања ги поврза со домашните политички потреби во Бугарија околу изборната кампања.