Пендаровски реши да не прогласува вонредна состојба


Претседателот Стево Пендаровски објави денес дека решил да не прогласува веќе вонредна состојба, бидејќи не гледа причина за неа, ниту пак добил такво барање од Владата.

„Сите вонредни состојби досега ги прогласував на барање на Владата со образложение зошто се потребни и на нив им претходеше седница на Советот за безбедност на кои ресорните министри ги образлагаа причините за неа. Во јавноста се наметна дилемата дали е можно прогласување на вовредна состојба само на барање на Владата или како претседател може да ја прогласам сам. Уставот е јасен – претседателот може и без барање на Владата да прогласи вонредна состојба, но тоа никогаш не го направив зошто сум уверен дека во никаков политички контекст една институција не може да ги изолира другите. Во овој момент немам потреба да прогласам вонредна состојба“, рече Пендаровски.

Според него, обезбедена е доволно медицинска опрема и лекови за справување со здравствената криза, а мерките што се преземаат околу неа не зависат од вонредната состојба.

„Споредбите меѓу претходната вонредна состојба и бројот на заразени и починати на почетокот и сега не држат бидејќи вонредната состојба не е поврзана со нив. За мерките, како полициски час и слично, нема потреба од неа. Избори, исто така, може да се организираат и за време на вонредна состојба, ако владата го напише тоа во уредба“, изјави претседателот.

Тој нагласи дека знае дека најголем  број од граѓаните не размислуваат на избори, но тие се неопходни за да добиеме функционален наместо распуштен парламент  и легитимна место распуштена влада.

„Имав комуникација со стратешките партнери и политичките партии. Власта и опозицијата се согласни дека треба да има мисија на ОДИХР. Тие се согласни дека се посебни посебни протоколи за изборите, но битно не ги приближија своите ставови за датумот на изборите. Потенцијална опасност и можен развој на настаните е да организираме изборен процес кој нема да биде инклузивен. Од март се наоѓаме во комплексна здравствена криза, а бидејќи Собранието е распуштено, имаме иницијални елементи на политичка криза. Ако не се договориме за датумот, ќе имаме таква криза, која може да прерасне во безбедноста“, предупреди Пендаровски.

Тој упати јавен повик до лидерите Зоран Заев и Христијан Мицкоски да седнат уште денеска и да најдат излез од ситуацијата, бидејќи во спротивно ќе ја отворат вратата за политичка криза, со што нема да се загрозат само преговорите со ЕУ туку и справувањето со кризата. Тој нагласи дека лично не е за еден или друг датум туку сака да се најде решение на ситуацијата. Најави дури дека ако фалат два три дена и ако лидерите се договорат за датум за избори по истекувањето на вонредната состојба на крајот на неделава, подготвен е и да прогласи пак таква состојба за неколку дена.

Запрашан дали е поважно да имаме инклузивен изборен процес или распуштено Собрание, Пендаровски рече дека во моментов имаме дисфункционален политички систем во целина, но ќе биде уште полошо ако една политичка опција не излезе на изборите и остане на улица.

Тој нагласи дека лидерите се согласиле дека не мора да се гласа во недела, дека може да се гласа и во среда, но проблем според него е што на нашите избори излезноста никогаш не била под 60 отсто, а сега анализите велат дека може да има пад на излезноста од 20 до 25 отсто, и тоа е проблем бидејќи ќе влијае на легитимитетот на власта. Притоа, ги спомена како пример изборите што се одржаа во Франција и каде имаше таков пад на излезноста.

„Ја следам сопствената совест и знаење, се консултирам“, порача Пендаровски за дилемата дали ставовите ги носи сам или се води според тие на Владата. Тој најави дека Владата ќе достави листа на сите мерки што ги презела за време на вонредната состојба и дека ќе ги упати на расправа во новиот парламент.

Ситуацијата е уникатна, заклучи тој, но состојбата со короната не се менува, не се намалува туку епидемијата расте во светот. Истиот проблем, како да одржиме избори, ќе го имаме рече тој кога ќе треба да организираме локални избори ако нема вакцина дотогаш. (Н.В.)