Пендаровски: Приоритет ќе ми биде зголемување на буџетот на Армијата


Модернизацијата на Армијата и обезбедувањето европски услови за македонските војници, ќе биде врвен приоритет во мојот мандат како иден врховен командант, порача денеска кандидатот за претседател на државата од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски.

-Мојата цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот на Армијата и обезбедување НАТО стандарди за нашите војници. Ова ќе значи и создавање  услови за нив достоинствено да ја бранат нашата татковина, изјави Пендаровски на денешната прес-конференција.

Тој посочи  дека веќе се започнати процесите на модернизација и како што рече, во соработка со Министерството за одбрана само ќе ги поддржи и забрза.

-Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат  на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на Армијата по нивното пензионирање од активната служба. Особено внимание ќе посветам на именувањето на искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата, потенцира Пендаровски.

При именувањето на началникот на Генералштабот и генералите во Армијата, додаде, секогаш ќе се води од нивните професионални достигнувања.

-Во Агенцијата за разузнавање активно ќе учествувам во реформата на  безбедносниот систем на нашата држава согласно со стандардите на најразвиените демократски земји, рече Пендаровски и нагласи дека обезбедувањето на независен и ефикасен систем за безбедност мора да биде врвен приоритет на Владата и претседателот на државата.

Посочи дека никогаш повеќе нема да дозволи да бидат злоупотребени Агенцијата за разузнавање и нејзини делови.

-Советот за безбедност, кој досега целосно беше занемарен од актуелниот претседател, ќе го свикувам редовно и во него ќе учествуваат реномирани експерти од областа на безбедноста, но и претставници на власта и опозицијата, потенцира Пендаровски и додаде дека националната безбедност не смее и нема да биде жртва на партиските и политичките интереси на поединци.