Пендаровски: Популистите ги хранат луѓето со страв и гнев
Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за холокаустот, рече претседателот во обраќањето на комеморативната вечер на која се одбележа депортацијата на македонските Евреи
Омразата кон различните што се шири на социјалните мрежи и низ други форми е потсетување дека сторијата нè учи дека во времиња на кризи и конфликти, популистите ги хранат луѓето со страв и гнев кон послабите и поранливите. Не станува збор само за антисемитизмот, туку и за сите други форми на омраза, рече претседателот Стево Пендаровски на комеморативната вечер по повод одбележувањето на 79-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Тој нагласи дека мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас.
Комеморативната вечер беше организирана во рамки на програмата за одбележување на 11 март 1943 година, денот кога 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа депортирани во логорот на смртта Треблинка. Во рамките на ова е организирана и изложба наречена „Живот“, посветена на преживеаните Евреи кои се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава.
Во своето обраќање Пендаровски го постави прашањето што се поставува со децении: како беше можен холокаустот и издвои три причини:
„Прво, тоа е антисемитизмот што со векови тлеел низ Европа каде што Евреите во повеќе наврати се соочувале со погроми. Бегајќи од еден таков прогон, Сефардите во 15. век почнале да бараат прибежиште на Балканот.
Втората е, релативизирањето на моралните апсолути. Во 1882 година, нихилистот Фридрих Ниче напиша: ‘Бог е мртов… и ние го убивме’. Тој ја изрази увереноста на неговата генерација дека просветителството ја елиминирало можноста и потребата за поставувањето на еден стандард затоа што е ‘добро’ кој би бил објективно вистинит и независен од луѓето.
Трето, барањето виновници наместо решенија. Само 30 години по овие зборови на Ниче, светот влезе во циклус на насилства и војни од дотогаш невидени размери. Популистите ги злоупотребуваа овие кризи за да мобилизираат следбеници и да дојдат до власт и моќ. Со митови, заговори и дезинформации го потпалувале антисемитизмот и го насочувале гневот на масите кон Евреите. Холокаустот е кулминацијата на тоа зло“, рече претседателот.
Пендаровски нагласи дека Евреите со векови биле неразделен дел од македонскиот етнички, верски, јазичен и културен мозаик. Како почитувани еснафи, лекари, уметници и духовници придонеле за развој на општествениот, економскиот и културниот живот. Евреите заедно со македонскиот народ ги споделувале и неговите стремежи и неговите жртви во борбата за слободна држава.
„Сето тоа запре на 11 март 1943 година. Статистиките се запрепастувачки. Од околу 24.000 македонски жртви во Втората светска војна речиси една третина биле Евреи. Поточно, 7.144 мажи, жени и деца кои биле насилно собрани во скопскиот Монопол и депортирани во логорот на смртта. Тие претставувале 98% од вкупната македонска еврејска заедница“, нагласи Пендаровски.
Тој рече дека на неодамнешниот меѓународен форум за холокаустот во Малме, Македонија се обврза во наставната програма за основното образование да вклучи содржини што ќе го адресираат антисемитизмот и негирањето на холокаустот. Како држава се обврзавме да организираме и задолжителни посети на овој Меморијален центар од страна на сите ученици од основното и средното образование.
Поставувајќи го прашањето дали има надеж после холокаустот, Пендаровски одговори отие убеден дека има. „Причина за надеж се праведните меѓу народите, кои ги ризикувале сопствените животи за да спасат Евреи. Меѓу 14.000 праведници запишани во ‘Јад Вашем’ е и Стојан – Богоја Силјановски, инвалид со една нога, кој имал дуќан во центарот на Битола, веднаш спроти полициската станица, кој за време на депортацијата криел осум жени Еврејки.
Втората причина за надеж се преживеаните. Евреите кои се спасија од холокаустот станаа витален дел од антифашистичката борба. Меѓу осумте Еврејки што Богоја ги спасил беа и идните партизанки Естреја Овадија – Мара, Жамила Коломонос – Цвета, Естреја Леви – Лена, Роза Камхи Русо и Адела Фараџи – Ката.
По војната, дел од 300-те преживеани Евреи си заминаа бидејќи не можеа да живеат во испразнетите еврејски маала, без своите најблиски, без да имаат со кого да проговорат на ладино или на јидиш. Многумина од нив се населија во Израел и станаа мост на пријателство меѓу нашите две држави. Но Евреите кои останаа се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава. Изложбата „Живот“ им е посветена токму ним. Тоа се луѓето благодарение на кои и денес постои активна Еврејска заедница“, рече претседателот Стево Пендаровски.