Пендаровски по повод 8 Март: Родовата еднаквост предуслов за слободно, развиено, демократско општество


По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените, претседателот Стево Пендаровски порача дека родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество.

-Денеска кога ја одбележуваме борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, како и достигнувањата во повеќе сфери, да се потсетиме дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот, се вели во честитката на претседателот Пендаровски.  

Тој посочува дека покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми.

-Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените, нагласува Пендаровски.

Шефот на државата и врховен командант на вооружените сили во честитката истакнува дека конфликтите и мировните операции ни покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови, одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти, а честопати токму жените се жртви на воени злосторства.

-Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето, вели претседателот Пендаровски.

Во честитката по повод Меѓународниот ден на жените, претседателот се осврнува и на пандемијата, која, како што вели, нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери.

-Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните, истакнува шефот на државата.

Имаме заедничка одговорност, вели Пендаровски, да правиме проценка како одлуките што ги носиме и јавните политики што ги креираме влијаат на жените.

-Сите имаме одговорност, но пред сè релевантните институции и политичките чинители, за промените кои ќе овозможат поголемо учество на жените во политиката, донесувањето на одлуките, креирање на политиките, управување со процесите, економскиот развој, науката и иновациите, истакнува претседателот на државата.  

Тој потенцира дека родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество.

-Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи, се вели во честитката на претседателот Пендаровски.