Пендаровски планира да се вакцинира против Ковид-19

Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека планира да се вакцинира против Ковид-19 штом вакцината ќе стане достапна и ги помине сите тестирања.

– Апсолутно да. Јас не сум бил никогаш против вакцините. Ако науката во тој дел има спречено или искоренето многу болести, зборувам наназад 100 години, нема причина да не веруваме во најголемите светски умови кои добивале и Нобелови награди за таа работа. Се разбира, зборувам за вакцина која ќе ги помине сите тестирања, сите атестирања и ќе добие на крај лиценца од државите. Не можам да поверувам дека во Европската унија, во една Германија, вакцините кои ќе бидат во употреба ќе бидат така половично тестирани и ќе си правиме експерименти со луѓето, изјави Пендаровски во интервју за Канал 5.

Од сознанијата што ги има, се надева дека до крајот на годината ќе има вакцина која ќе може да ја добијат, пред се ранливите категории, болните, децата, пензионерите, медицинските работници, оние кои се на правата линија на отпорот за да може состојбата предизвикана од пандемијата да се врати комплетно во нормала.