Пендаровски: Овој договор со Обединетото Кралство не е договор!

Како потписник на англиската верзија на договорот стои „потпретседател на Северна Македонија“ иако таква функција не постои кај нас


Фото: Б. Грданоски

„Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија не е потпишан.Тоа што ни е дадено на увид и што е ратификувано во средата попладне, не е договор за стратешко партнерство“, вели  Пендаровски.

„Тоа, според својата содржина, може да биде меморандум за соработка, дури и почетно писмо за намери во кои двете влади набројуваат четири области во кои допрва треба да седнат работни групи и да прецизираат какви проекти би работеле. И според таа содржина генерална, не станува збор за ништо стратешко туку  станува збор за кредитирање на проектите кои допрва ќе бидат прецизирани од двете страни – британско кредитирање за инфраструктурни проекти во Македонија.

Тие најавуваат дека е можно да постои втор договор по овој кој би бил за стратешките аспекти на нашите билатерални односи со Лондон. Да сме живи и здрави можеби и тоа еден ден ќе биде. Но, ова нема врска со никаква врска со стратегија, тоа е начелен договор допрва да седнеме и да видиме што вам ви треба за кредитирање“, вели Пендаровски.

Пендаровски е последен од низата зачудени во земјата од содржината на тоа што беше ставено на гласање во македонското Собрание на неколку странички, без рокови и без конкретни детали.

Уште повеќе прашање е дали договорот е воопшто валиден во Обединетото Кралство бидејќи на англиската копија потписот на Александар Николоски стои зад описот „потпретседател на Северна Македонија“, функција што не постои во нашата држава – а сепак таков беше изгласан во Собранието. Ваков аматеризам нема ни во грантовите што британската амбасада ги дава на невладините и медиумите во земјава.