Пендаровски отиде кај семејството на малата Ембла

Претседателот го посети и основното училиште „Единство“, каде учи Ембла Адеми


Стево Пендаровски во домот на Ембла Адеми

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми и основното училиште „Единство“, каде Ембла ја следи наставата.

Со родителите на Ембла разговараа за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла, соопшти неговиот кабинет.

Пендаровски истакнал дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. „Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни“, рече Пендаровски. 

Тој уште додаде: „Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип“.

Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Според него, предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите.