Пендаровски: Освен кривично-правна треба да има и политичка и морална одговорност


Претседателот Стево Пендаровски смета дека не направил уставна повреда при доделувањето на мандатот за составување на Владата, а од новата владина коалиција очекува да ги реализира ветеното пред изборите.

Пендаровски во интервју за Канал 5 кажа дека ги отфрла обвинувањата дека го повредил Уставот кога му го дал мандатот на Зоран Заев и упати критичарите на оваа негова одлука да побараат мислење од Уставниот суд.

Посочи дека коалицијата СДСМ и ДУИ била направена многу пред доделувањето на мандатот. Мандатот за составување Влада му го дал на Заев кој имал рок од 20 дена и ако не успее во тоа го враќа, што, според него, би бил политички пораз. Давањето мандат, вели Пендаровски не е гранција дека ќе се формира Влада. Смета дека треба да се прецизираат уставните одредби кои ја уредуваат оваа проблематика.

Прашан за предизборните изјави на Заев дека ДУИ по многу години власт треба да оди во опозиција, и на Ахмети дека ќе има премиер Албанец, Пендаровски рече дека изборниот резултат ја диктирал структурата на Владата, исто како и во 2016 година.

– Математиката во политиката за жал или за среќа е многу битна работа, истакна претседателот. Резултатите од изборите за него биле очекуван со исклучок на Левица, во позитивна смисла, зашто добила повеќе гласови од предвиденото.

За изборниот модел и дали треба да се менува, Пендаровски рече дека се залага за една изборна единица и за отворени листи и преференцијални гласови. Но, тој во моментов не гледа дека има политичка волја кај најголемните партии за измена на изборниот модел.

За очекувањата од новата Влада, вели дека гледа војла за продолжување на реформите, кои особено треба да се насочат во правосудството.

– Практично овој состав е 70-80 проценти во кадровска смисла идентична со претходната влада. И на крајот на краиштата, јас не сум тој кој треба да го цени составот од овој аспект премиерот, мандатарот ги одбира луѓето, ги селектира и на него е да ја понесе и одговорноста ако тие не одговараат на задачите кои им ги доделил. Она што јас знам е дека во оваа влада има луѓе кои се способни. Најголемиот дел и лично ги знам. Има многу малку нови ликови, мислам дека еден – двајца се сосема нови. Владата сега заедно со премиерот има 20 министри, имаше 26 што е за поздравување, ги тргна настрана министрите без портфељ што не се специфика на демократски системи и најповеќе се користеа за меѓу партиски пазарења. Објективно, мислам дека требаше и потпретседатели евентуално еден – двајца помалку да бидат, меѓутоа тоа не е битно. Битно е структурата на Владата во овој момент е таква да ги покрива сите ресори кои нам ни се битни, изјави Пендаровски.

Шефот на државата смета дека во работењето на државните функционери освен кривично-правната треба да се има предивид и политичката и морална одгворност.

– Освен кривично правната одговорност која ќе биде утврдена од судовите, се разбира, крајна консеквенца, ние би морале да водиме сметка и т.н. политичка или морална одговорност. Ако некој вас ве спомнува, а вие не одговарате во однос на тие обвинувања, нека станува збор само и за евентуално морална одговорност треба да излезете и ако немате што да кажете на таа тема треба да се повлечете од политиката. Значи, мојот став и секојпат бил не мора да бараме само кривично правна одговорност во смисла на новата влада, вели Пендаровски.

За тоа зошто не биле исполнети ветувањата за правда и права држава, тој вината ја лоцира во судството и спрегите меѓу центрите на политичка и бизнис моќ.