Пендаровски од Загреб: За нас не постои друга одржлива алтернатива освен полноправно членство во ЕУ


Хрватска е една од најголемите поддржувачи на евроинтеграциите на Република Северна Македонија. Ние сме и благодарни на Хрватска за искрената поддршка и одговорноста за мирен и просперитетен Балкан во обединета Европа. За нас не постои друга одржлива алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија, рече претседателот на државата Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Загреб.

Секоја земја, додаде Пендаровски, се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбедност и просперитет, но без соработка меѓу државите, според него, тоа би било недоволно.

– Нашите две држави, нашите граѓани ги поврзуваат длабоки историски и културни врски, ние сме блиски по географија, слични по јазик, култура и по менталитет, светоглед и вредности, рече Пендаровски.

Хрватскиот претседател Милановиќ посочи дека на средбата што ја одржаа со Пендаровски разговарале, меѓудругото и за европскиот пат на нашата држава.

– Нема да биде едноставно ќе биде потребно многу труд, ќе треба пријателска помош, многу дискусија, уверување… Хрватска знае колку упорност и здодевна, макотрпна работа е потребна да се постигнат тие цели, истото ја чека и Северна Македонија на тој пат, ќе дадеме се од себе да нема лутања, рече Милановиќ.