Пендаровски од Куманово: Ќе бидам претседател кој поттикнува заедништво и меѓусебно разбирање

Кандидатот за претседател, поддржан од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски, денеска е на средба со претставници на малите етнички заедници во Куманово. Во изјавата за медиумките, Пендаровски рече дека ќе се грижи за сите граѓани, без оглед на националноста, верата, јазикот, социјална определна и дека во неговиот кабинет ќе има претставници од сите етнички заедници, избрани според нивната компетентност и професионалност.

Негова визија, додаде тој, се обединети граѓани, општество без поделби, сигурна и стабилна држава, бидејќи, потенцираше, само на тој начин државата ќе оди кон подобра иднина, кон НАТО и ЕУ.

-Остро ќе се спротиставам на секоја партија која ќе се обиде да направи меѓуетнички тензии и на сите политики кои повикуваат на поделби и конфликти. Без разлика која политичка партија или Колацијата е на власт, отворено ќе ги критикувам политиките кои ќе ги стават под знак прашање или на кој било начин ќе ги загрозат интересите на граѓаните, кои се и остануваат мојот највисок приоритет, изјави кандидатот за претседател, Пендаровски.

Тој рече дека поминало времето на поделби и црни сценарија и дека е време да се изгради силна земја со обединети и рамноправни граѓани. Пендаровски ги повика припадниците на етничките заедници на петти мај да излезат и да гласаат за заедничка и сигурна иднина.