Пендаровски: Неспорно е дека ќе добиеме датум во наредниов период


Очекувам на средбите во Брисел да добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму се во насока нашата земја да добие датум за почеток на преговори, вели во интервју за Дојче веле, претседателот Стево Пендаровски.

Утре со неговиот тим на соработници заминува во работна посета на Брисел, што е негова прва официјална посета по стапувањето на претседателската функција. Македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за Дојче веле ги споделува очекувањата од оваа посета, а ги презентира и неговите оценки околу најактуелното прашање – очекувањето на РСМ да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.  
На прашањето „кои се причините што дури и со решен спор за името (кој претходно беше посочуван како единствена пречка на патот за ЕУ), сè уште е неизвесно дали ќе ги отвориме закатанчените врати на Унијата?“, Пендаровски потсетува на една политичка одлука на Германија од пред извесно време.
„Знаете дека Германија беше локомотивата, односно главниот поддржувач, Хрватска да стане дел од ЕУ. Во времето на приемот на Хрватска, германскиот парламент донесе одлука дека за секоја наредна земја, пред добивање на датум за преговори ќе се произнесуваат, односно ќе гласаат и за таа фаза. Важно е овде, исто така да знаете дека до овој момент ниту еден водечки европски политичар, и ниту една голема политичка партија во Европа, не е против  Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите. Конкретно, Германија секогаш била и уверен сум, ќе остане една од клучните држави кои ја поддржуваат Северна Македонија на патот кон нашето полноправно членство и во ЕУ, и во НАТО. Наскоро, очекувам средба со Сојузниот претседател Штајнмајер во Берлин, на која средба сум убеден дека ќе се реафирмира стратегиското сојузништво меѓу Северна Македонија и Германија. Многу е важно што ние како држава ги исполнивме и двете потребни компоненти. Свесни сме дека  одлуката за добивање датум  е условена од реформите што треба да ги спроведе  секоја држава за да добие позитивен  извештај, а потоа шефовите на државите или владите на државите членки ја носат конечна одлука за почеток на преговорите. Таа е првата компонента, и во таа смисла Извештајот кој се однесува на Северна Македонија е јасен и укажува дека нашите институции го одработиле своето. Ќе повторам само една фраза од истиот Извештај – „Македонија е светол пример во регионот…“. Ако се сеќавате, пред неколку години во еден од Извештаите добивме фраза, која и ден денеска е дел од политичкиот наратив,  кога не означија како „заробена држава“. Втората компонента е политичката волја  и тука сакам уште еднаш  да повторам дека ниту еден сериозен политички фактор во ЕУ не вели дека Северна Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Се разбира, секогаш постојат одредени структури на кои приоритет им е домашната политичка динамика, но овој пат гледаме јасни политички пораки кои упатуваат на позитивен исход. Сепак, најголемиот предизвик во целиот процес е времето на чекање, односно факторот трпение, а тоа е особено изразено на внатрешно политички план кај нас дома. Граѓаните на нашата земја со право бараат интензивирање на економскиот раст, отворање на можности за младите да можат да ги искористат своите потенцијали дома, за да не емигрираат поради недостаток на можности во државата, и конечно, сите  бараат ефикасни институции кои ќе бидат транспарентни и достапни за сите. Во овој момент, според мене, неспорно е дека ние ќе добиеме датум за почеток на преговори во наредниов период, прашањето е дали во нашиот поларизиран внатрешно-политички амбиент ќе биде целосно согледан фактот дека од наша страна работата е завршена, а евентуалното одлагање би се должело на прашања и процеси кои се надвор од нашето влијание“, вели Пендаровски во интервјуто за Дојче веле.