Пендаровски: Нема политичко мешање во истрагата за „Рекет“

-Моја работа како претседател не е да ја коментирам секоја фаза од случајот „Рекет“, се додека законската процедура со постапката за овој случај не покаже некои видливи моменти за кои потоа ќе можеме да дадеме оценка како политичари.

Ова денеска во Македонска Каменица го изјави претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање за неговата позиција во однос на случајот „Рекет“.

За Пендаровски е важно што работата околу процедуралниот колосек, како што рече, „тргнала“, а понатаму се останува на истражните органи.

– Пред две недели на прес – конференција јас повикав да се забрза постапката од истражните органи. Следејки ги барањата на граѓаните и знаејќи дека се соочуваме со голема афера, која ја става на тест целокупната правна држава, апелирав да тоа биде побрзо и поефикасно, а понатаму знаете дека не е моја надлежност. Видовме неколку битни активности во таа процесна смисла и понатаму се останува на надлежните органи, изјави Пендаровски.

Повтори  дека тој и сите политичари, сакаат да видат брза истрага во која нема да се чувствуваат странични влијанија, ниту, истакна, евентуално влијание од политичарите.

На прашањето колку институциите во државата можат да обезбедат нормални услови за делување за овој случај, Пендаровски рече дека како претседател не му паѓа на памет да се меша во работата на кого било поврзан со овој случај.

– До овој момент од сите информации што ги имаме од надлежните структури, исто така нема никакво политичко мешање во која насока да оди оваа истрага, барем тоа до овој момент ми е познато. Во делот на бизнис-заедницата веќе неколку бизнисмени дадоа изјави дека тие немале проблеми, што значи дека работите се движат. Барем во овој момент, никој не може да каже дека од страна на политиката некој е заплашен да не пријавува такви случаи на коруптивно однесување ако го имало, така што од страна на политиката амбиентот е направен. Јас ви гарантиран за мене и во иднина тоа ќе биде така, затоа што јас не можам да замислам да правам нешто што никогаш во животот не сум го правел и што не е моја работа, бидејки граѓаните не ме плаќаат да ги притискам судските органи, не ме плаќаат да се мешам во нивната работа, дециден е претседателот на државата.

Според него, постои амбиент во кој државата не се меша во работата на судовите и обвинителствата и тоа така и ќе остане.

Претседателот Пендаровски прашан за идејата на Алијанса на Албанците за специјален јавен обвинител странец, тој се осврна на 2006 година кога, вели, имаше идеја за државен јавен обвинител странец.

– Толкувањето на правниците во тоа време беше дека тоа не е можно. Во принцип никогаш не сум имал проблем со вмешувањето на странците ако се компетенти и стручни во која било област. Конечно гледаме дека има само позитивно влијание од вмешувањето на странските политичари, ЕУ, НАТО, пријателски држави. Не знам дали е тоа можно, принципиелно говорејќи би сакал да видам вклученост на стрнаски стручни лица во поддршка на нашиот правосуден систем, изјави Пендаровски.