Пендаровски: Нема поцврста врска од таа на војникот со државата
Трагичното украинско искуство покажува дека освен традиционалните воени закани, се поприсутни се и новите, асиметрични и хибридни закани кои не смееме да ги игнорираме
18/08/2022 13:53
Фото: Б. Грданоски
Претседателот Стево Пендаровски на прославата на 30-годишниот јубилеј на Армијата порача дека по украинското искуство стана јасно дека мора да вложуваме во нејзино унапредување и до 2024 година процентот за издвојување за неа да стигне до НАТО стандардот од 2 отсто, па и повеќе.
„Последниве години, и ние, но и Европа и светот минуваме низ цела серија на турбулентни настани и процеси. Заедно со нашите сојузници се соочуваме со нестабилност предизвикана од војната во Украина, од геополитички тензии во различни делови на светот, економски и енергетски шокови, ограничување на човековите слободи и нарушување на владеењето на правото, како врвни демократски вредности.
Уште од првиот ден ја осудивме незаконската агресија на Русија врз Украина и се солидализиравме со украинскиот народ. Таа солидарност не е само вербална, туку и конкретна, за што сведочи и помошта, вклучително и воена, што, како НАТО членка и во рамките на нашите можности, ѝ ја даваме на Украина. Во новиот геополитички контекст, ја поддржавме и стратешката одлука за проширување на Алијансата, со тоа што, меѓу првите, ги ратификувавме во македонскиот парламент, договорите за прием на Финска и Шведска во НАТО.
Трагичното украинско искуство покажува дека освен традиционалните воени закани, се поприсутни се и новите, асиметрични и хибридни закани кои не смееме да ги игнорираме. Тука спаѓаат и кампањите за дезинформации преку лажните вести што имаат за цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите и да го дестабилизираат демократскиот поредок.
За да ги неутрализираме сите овие закани, треба да продолжиме да вложуваме во одбраната и, не подоцна од 2024 година да го постигнеме стандардот на издвојување на најмалку 2% од БНП. Тоа е предуслов за натамошна модернизација на армијата и имплементација на реформите, со што, директно го јакнеме и целокупниот македонскиот безбедносен систем“, порача Пендаровски на свеченоста.
Зборувајќи за историското значење на Армијата, тој порача дека не постои постои поцврста врска од таа на војникот со државата.
„Како што во Втората светска војна, војската ја создаде државата, во 1992-та, независната македонска држава создаде своја Армија. 18-ти Август е симбол на историскиот континуитет, затоа што вие, припадниците на Армијата сте наследници на славната антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава во свет ослободен од фашизмот.
Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава. Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден. Сакам, во оваа пригода, денес, на овој голем јубилеј, посебно да го поздравам првиот регрут во македонската армија – Панче Јамандиев од Велес.
Низ годините, Армијата забрзано се модернизираше следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната. Беше вложувано во образованието на кадрите, пред сé, на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, но, и на воено-образовните установи во земјите-членки на НАТО. Значајно искуство се стекнуваше и преку активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, од Обединетите нации и од нашите стратешки партнери.
Сепак, на овој ден, треба да се потсетиме не само на формирањето и развојот на армијата, туку и на основната причина за нејзиното постоење, а тоа е правото на секоја држава на самоодбрана. Армијата го брани нашиот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, но и нашето национално достоинство и чест. Во овој контекст, Армијата беше ангажирана во справување со клучните предизвици на државата, од Косовската криза во 1999-та, преку воениот конфликт во 2001-та, па се до мигрантската криза во 2015-та година. Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, од граѓаните. Оттука, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава“, рече Пендаровски.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, говорејќи на настанот, рече дека мора да се потсетиме на сите оние кои како припадници на Армијата ги дадоа своите животи за нашата земја.
„Тоа е највисоката цена, што некој може да ја плати и ние сме им благодарни. Нека им е вечна славата! Тоа не е форма, не е само реченица – тоа е реалност со вечна благодарност и спомен за нив“ изјави таа.
Според неа Армијата била и останува носечки елемент во системот на национална безбедност и одбрана и дел од колективните системи за етаблирање и за развој на обраната, пробивот во меѓународната безбедност и реалните дострели, додаде Петровска.
„Заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е постигнување за кое се имаат заложено многу поединци, поранешните претседатели, влади, министри за одбрана, началници на Генералштабот, старешини, војници и вработени“ вели таа.
Фото: Б. Грданоски
Според неа, Армијата се покажа на највисоко ниво на подготвеност и во сите елементарни и други непогоди, кои и се случија на оваа држава, се покажаа достоинствено во заштитата на нашите државни граници од 1990 година па се до примопредавање на должноста на полицијата.