Пендаровски: Немам намера да бојкотирам, ќе победиме


 

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.  

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме“, истакна Пендаровски денеска во Крушево. 

Посочувајќи дека меѓуетничките односи и темелите на нашата држава се потпираат на идејата, на концептот на Крушевскиот манифест, Пендаровски од Крушево порача дека наместо нов Устав, на граѓаните на оваа земја им се потребни подобри услови за живот, подобра економија и поголеми инвестиции, повеќе работни места и можности за младите, за да останат дома, во својата татковина.

„Нам не ни треба враќање назад во историјата, нам не ни треба некој да биде повисоко, некој пониско. Нам ни треба подобра економија, подобра социјала, повеќе инвестиции, повеќе работни места. Ако го направиме тоа, можеме да кажеме дека бил успешен мандатот. Сè друго е карање со комшиите и внатре со најблиските, и карање на регионално ниво, со соседите – и тоа е погубно“, рече Пендаровски пред присутните.

Во оваа насока тој додаде дека и натаму ќе се залага за концептот на заедништво, бидејќи смета дека сите граѓани мора да бидат еднакви. „Отсекогаш сме биле мултиетничка држава и единствениот рецепт за просперитет е да се почитуваме едни со други“, рече Пендаровски.