Пендаровски: Нема да потпишам закон неприфатлив за бизнисот


Да се ослободи бизнисот од политиката, да владее правото и да се слуша гласот на бизнисот од носењето на закони, преку бирањето на дипломатски преставници до учеството во преговарачките тимови за евроинтеграциијата. За ова се согласија Сојузот на стопански комори и претседателот Стево Пендаровски на првата средба.

„Во делот на економската дипломатија е важно кадровските решенија за дипломатските претставништва да имаат вештини и желба да делуваат на промоција на Македонија како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде се поставени како дипломати“, рече претседателката на комората, Данела Арсовска.

Ова коморско барање за претседателот Пендаровски е прифатливо, зашто сега е време кога таканаречената висока политика треба да го отстапува местото.

„Полека влегуваме во таа интеграција. По една долга и мачна транзиција треба да ги менуваме и темите на дневен ред. И во надворешната политика и дипломатијата да пуштаме луѓе кои се познавачи на економијата, знаат нешто од тоа, не како до сега да се занимаат само со висока политика. Тоа треба постепено да престане да биде пракса. Ако нема таков профил за амбасадор тогаш да најдеме 2-3 други во рамки на дипломатско-конзуларните претставништа“, укажа Пендаровски.

Тој вети дека „нема да биде потпишан ниеден закон ако бизнис заедницата смета дека е против нивниот интерес. Неговиот став за одливот на млади е дека тоа е процес што не е ексклузивно наш, но дека е страшно што во најголем број случи младите не добиваат ниту прва шанса за да работат овде“, за чија промена ќе се заложи.

ИТ-секторот да не чека политички конекции

ИКТ комората од Сојузот на стопански комори му кажа на претседателот дека ИТ-секторот е со голема добивка и дека државата треба повеќе да го искористи за зголемување на извозот и за девизен прилив за државата.

Претседателот Пендаровски, пак, посочи дека во контакти со колегите од регионот, разбрал дека во опкружувањето има неколку ИТ-хабови, развиени над балканскиот просек, некои од нив и со учество на странски капитал.

„Едниот од нив се наоѓа во близината на Софија. Бугарските колеги ми рекоа дека се обидуваат да направат некаква нивна Силиконска долина. Ако сте заинтересирани, можеме да ви дадеме контакти, да се поврзете со нив. Да не чекаме кога ќе се среќаваме само на ниво на претседатели и премиери, зошто тоа да не биде побрзо“, им одговори Пендаровски.

Градежниците се пожалија за Карпош и Центар

Градежната комора побара од претседателот да им помогне во почитувањето на правото во делот на градењето во општините каде е запрено градењето.

„Проблемот го предочивме во комуникација со градоначалниците и со Министерството за транспорт и врски, но нема никаква активност. Уставен суд ги турна сите ДУП-ови за општина Карпош. Една година помина, не е донесен ниеден ДУП. Во Карпош нема никаква градежна активност. Во општина Центар уште важи мораториумот. Согласно Устав, согласно закон, таква институција не постои. По повеќе комуникации со општините и со Министерството, се гледа дека секој тера како замислил. Се наоѓаат техникалии, а никој нема никаква одговорност. Сега на овие две општини се надоврзуваат и Охрид и Струга“, се пожалија пред претседателот од Градежната комора. Тие побараа и да се ограничат странските инвестиции во високоградбата.

„Странските компании инвестираат во згради и заработката ја изнесуваат, за разлика од домашните компании кои инвестираат и заработеното повторно го инвестираат во нови згради, во земјата“, рекоа од комората. „Ние работиме како подизведувачи, за мали заработки и не можевме плати да им дадеме на работниците“.

Претседателот Пендаровски посочи дека треба домашните компании кои во минатото биле запоставувани за сметка на странските, да добијат еднаков третман на пазарот.

(А.С.)