Пендаровски нема да го потпише Изборниот законик


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски  нема да го потпише  Изборниот законик во сегашната форма, односно ако со него се бараат потписи од два отсто од запишаните избирачи во општината за истакнување независни кандидатури за локалните избори.Пендаровски вели дека ако деновиве во Собранието се донесат измените, тој нема да ги потпише, бидејќи се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

„Нема логика јас како претседател и највисок орган во државата да се кандидирам со 10.000 потписи, а толку да треба и за советници во Град Скопје. Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е до едет отсто. Не може изборите да се распишат на 6 август, а два дена пред тоа да се носат измените”, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинарите.

Пендаровски вели дека измени пред избори би потпишал само доколку постои општ консензус за нов, кој во моментов го нема.

Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура и тие освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.

За измените вчера се огласи и Државната комисија за спречување на корупцијата. ДКСК  по повод реакциите на повеќе здруженија во Северна Македонија, како и и Иницијативата од здружението „Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ доставена до неа во однос на предлог измените на Изборниот законик со кои се зголемува прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи велат дека од аспект на своите надлежности секогаш укажувале на потребата од голема транспарентност и инклузивност на поголем број чинители во процесите со кои се носат одлуки кои за ефект имаат ограничување или намалување на со Устав загарантираните права на граѓаните на Република Северна Македонија.
 
– Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 15 октомври и 29 октомври 2017 и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка. Имено, Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажува дека промените на Изборниот законик во 2017 година донесени во скратена постапка, без широки консултации се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување, се наведува во соопштението на ДКСК.
 
Собранискиот спикер Талат Џафери денеска во однос на измените на Изборниот законик не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците којшто започнува на 1 август. Напомена дека матичната Комисија за политички систем треба да ги заврши амандманите. Голем дел од поднесените амандамни кои се околу над 700, се формално уредни, додаде Џафери.