Пендаровски: Нема да е крај на светот ако се одложат изборите за месец, два


Фото: Б. Грданоски

Кампањата за изборите може да се води дигитално, но 30.000 луѓе од администрацијата се вклучени во процесот и затоа имам резерва околу денот на избори, порача денес на прес конференција претседателот Стево Пендаровски, потсетувајќи дека досега немало спроведување на избори во услови на епидемија.

– Јас не сум надлежен за одлуката за избори, но сериозно би размислил за таа опција, рече Пендаровски мислејќи на одлуката за одлагањето на изборите. Ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде крај на советот, смета претседателот.

– Не би било решение ни ако воведеме вонредна состојба од утре, смета тој, прашувајќи што со оние што имаат препорака да не излегуваат и што се болни, со тие што треба да спроведат мониторинг на процесот, додавајќи дека прашање е и со каков ентузијазам гласачите ќе излезат да гласаат.

Запрашан дали ќе се доведе под знак прашалник легитимитетот на изборите ако е мала излезноста тој одговори дека нема законски цензус за тоа колкава треба да биде таа, но тоа прашање сигурно ќе се постави. Сепак, тој нагласи дека и да се прогласи вонредна состојба тоа автоматски не значи одлагање на изборите. Одлуката, според него, треба да ја донесат политичките партии со консензус, иако во таков период владее Владата и не се свикува парламентот.

Лично Пендаровски сметаше дека треба да се прогласи кризна а не вонредна состојба, што не значи дека ќе се воведе и полициски час.

Околу овие дилеми и можните дополнителни мерки за епидемијата со корона вирусот, претседателот закажал состанок на Советот за безбедност во понеделник на кој покрај стандардниот состав  ќе присуствуваат и министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата. Пендаровски притоа ги повика лидерите на партиите во наредните денови да ги преиспитаат ставовите за неодложување на изборите затоа што, според него, спорен е и самиот изборен ден кој треба да се организира во вакви услови. На парламентарните избори, рече Пендаровски, во просек гласаат над еден милион граѓани, а во нивната организација учествува 30-илјадна администрација.

Пендаровски ги повика лидерите на партиите да се навратат на ова прашање во наредните пет до 10 дена.

-Лидерите на партиите во наредните пет до десет дена повторно да се навратат на ова прашање, бидејќи на сите ни е кристално јасно дека апсолутен приоритет во оваа ситуација е здравјето на нашите граѓани, а не политичките или партиски интереси. И се разбира за тоа треба да има комплетен консензус. Не треба да се брза со таа одлука, меѓутоа ситуацијата објективно и околу нас и кај нас се усложнува во делот на ентузијазмот луѓето да гласаат, рече Пендаровски.

(С.Ј.)