Пендаровски негира дека ќе формира политичка партија


Поранешниот претседател Стево Пендаровски ги отфрли информациите дека се подготвува за формирање нов политички субјект, тврдеејќи  дека станува збор за шпекулации.

„ Се работи за шпекулација излезена од лабораторијата на власта во која моето име е сосема свесно злоупотребено во контекст на нивната пропаганда против најголемата опозициска партија СДСМ. Познавајќи ги добро, сигурен сум дека ова нема да им биде последен таков обид“, изјави Пендаровски за „Слободен печат“.

Инаку, во интервју за Призма Пендаровски оцени дека постои јасен дисбаланс меѓу падот на поддршката на власта и неспособноста на опозицијата да го искористи тоа.

„ Кога не успеавте тоа да го направите, рецептите се јасни – или ја менувате политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или носите нови луѓе кои ќе знаат да допрат до различни слоеви од гласачкото тело“, вели Пендаровски.

Тој предупреди дека со актуелниот тренд, СДСМ може да се соочи со сериозни последици.

„Постои реална опасност партијата да оди кон исчезнување или да влезе во статистичка маргина на грешка“, додава Пендаровски.

На овие негови ставови реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека изјавите на поранешниот претседател се погрешно интерпретирани.

„ Изјавата на Пендаровски е од пред неколку недели, а и не е таква каква што се претставува, извадена е од контекст. Тој дава максимална поддршка на тоа што го правиме во партијата“, рече Филипче.

Тој смета дека станува збор за координирана кампања против него и партијата. 

„Ако ние сме мртва партија, тогаш зошто 90 отсто од кампањата е против мене лично со навреди и со несоодветни зборови?“ – праша Филипче.

Според него, партијата бележи раст и ја намалува разликата со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. 

„Не само што не е мртва партијата, туку разликата помеѓу нас и нив сега е падната на 1,25“, рече тој.