Пендаровски: Не сум евроскептик, туку реален – тешко до уставни измени
Не гледам простор наредниве месеци, како што одиме кон техничка влада која треба да стартува на 28 јануари, дека ќе се направи политичка клима во која ќе се изгласаат уставните измени со две третини. Тоа не е само околу внесувањето на Бугарите, туку генерално за кое било прашање, изјави денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Тој додаде: „Ме прогласуваа за евроскептик или дури некои велеа дека сум се откажал од европскиот пат. Јас само ја декларирам реалноста, како што ја гледам, како што ја гледаат македонските граѓани“.
Во изјавата за медиумите, по неговото учество на „Отворениот форум за антикорупција“ што се одржува денеска во Скопје, Пендаровски рече дека пред година и половина, оценил оти реалните политички шанси да се изгласат уставните промени се минимални, знаејќи ги јавно декларираните ставови на опозицијата која, според него, без аргументи е влезена во таа работа.
Според него, како што ќе одиме во наредниов период кон изборите и кон техничка влада, ќе биде се потешко власта и опозицијата да направат политички консензус, без разлика што ќе бидат во иста техничка влада од јануари натаму.
„Ќе чекаме следна влада, следен парламент, кој ќе треба многу сериозно да го земе во предвид ова прашање. И ќе биде интересно тогаш да се види ако воопшто има промена на власта како ќе реагира сегашната опозиција, евентуално утрешната власт, кога ќе треба да ја моли денешната власт утрешната опозиција да гласаат со две третини“, изјави Пендаровски.