Пендаровски на средба со министри на држави од групата „Пријатели на проширувањето“


Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ги прими министрите за надворешни работи на Литванија, Латвија, Полска и потсекретарот за европски работи на Естонија, чиишто земји, членки на Европската Унија се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.

На средбата, претседателот Пендаровски изразил благодарност за нивната силна и постојана поддршка за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во тој контекст, тој го реафирмирал очекувањето дека новата методологија ќе биде донесена во текот на овој месец, и со тоа би се создала можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата.

„Претседателот Пендаровски нагласи дека Северна Македонија, спроведувајќи ја реформската агенда, во изминатиов период покажа политичка зрелост и максимална посветеност во обезбедувањето на нејзината европска и евроатлантска иднина. Во таа насока тој ја истакна важноста на нашето пристапување во Унијата, како значаен придонес во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, но и за самата Европска Унија, со која споделуваме исти вредности“, соопштија од неговиот кабинет.

Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од основните предуслови за стабилен и безбеден регион, се наведува во соопштение, претседателот се осврна на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, коишто претставуваат позитивен пример на Балканот.

„На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во пресрет на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста изборите да бидат спроведени во фер и демократска атмосфера, а новата влада фокусирано да продолжи со испорака на реформски резултати, во интерес на граѓаните и на нашата европска иднина“, се наведува во соопштението.