Пендаровски оценува: Каде што не владее правото – владеат парите

Се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив, изјави претседателот


Стево Пендаровски на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во Македонија

 

За борбата против корупцијата неопходно е етичко лидерство во самите институции, мора да се инсистира на навремени истраги и на правосилни пресуди. Апелирам до сите политички чинители конструктивно да се вклучат во овој процес, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќање на Шестата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во  Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Темелните општествени вредности за европската иднина“.  

„Деновиве заврши скринингот за степенот на усогласеност на македонското законодавство со европското. Очекуваме во овој процес да бидат децидно дијагностицирани сите наши системски пропусти и недостатоци и да биде даден патоказ за понатаму. Меѓутоа, општ заклучок е дека не е доволно направено за клучното поглавје – владеење на правото и фундаменталните права кои се алфа и омега на европските интеграции“, рече Пендаровски, додавајќи дека со нив започнуваат и завршуваат преговорите.

Тој потсети дека неодама и Извештајот на ЕК констатира дека немаме напредок на ова поле, а онаму, истакна, каде што не владее правото – владеат парите.  

„Евидентно е дека кај нас прилично фреквентно се говори со јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување, овој јазик го ‘зборуваат’ дури  една четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијанија. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали навидум занемарливи суми, меѓутоа корупцијата е корупција независно дали станува збор за 500 денари или за 500 илјади денари“, рече Пендаровски.

Тој оцени дека многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат овој јазик на корупцијата, а за разлика од нив, оние кои не се дел на тој синџир се честопати дискриминирани.

„Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од ‘вештината’ на толкување на оние кои треба да го имплементираат па често законската терминологија добива различно некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но кои немаат со што ‘да тргуваат“ за да ја откупат својата слобода“, нагласи Пендаровски.  

За оваа загрижувачка состојба, додаде тој, придонесува и нерешителноста на поединци од надлежните институции да поведуваат постапки против оние за кои постојат основи на сомневање, но кои имаат статус на недопирливи во општеството. 

„Се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или, како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор станува збор за менталитет на луѓето кои мора да се менува“, рече Пендаровски.  

Тој истакна дека и кога се поведени истрагите и процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а одбраната на овие лица ја користи секоја процедурална алатка за да ги пролонгира судењата и за тоа наоѓа разбирање кај еден дел од судиите со што се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата и е бавна и е недостижна.  

„За драстично редуцирање на корупцијата мораме да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди кои на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите дури и за најмоќните и најбогатите“, заклучи Пендаровски во своето обраќање.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, истакна дека од перспективите на правосудството оваа година беше специфична и турбулентна. 

„Веќе може да се види појасно што навистина се случува во правосудниот систем – надлежен за да обезбеди еднаквост на сите пред законите. Општиот заклучок произлезен од дијалогот е дека нашата демократијата има насушна потреба од ефективна и независна законодавна и судска власт“, рече Ѓуровска. 

Низ конвенцијата, но и низ другите граѓански иницијативи, се пренесува гласот на правосудната фела која го бара она што ѝ припаѓа – да ја добие оттуѓената судска власт.