Пендаровски на 60. Минхенска безбедносна конференција


Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе учествува на  60. Минхенска безбедносна конференција. 

Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, шефот на државата предвидено е да учествува на настанот „Дали Западен Балкан е дел од големата слика? Мапирање на новата европска безбедносна архитектура“ во организација на Центарот за безбедносна политика од Белград и Центарот за безбедносна политика од Женева.

Пендаровски ќе учествува и на настаните „Фокус на Балканот“ и „Насоката за трансатлантската заедница после Минхен“ организиран од Атлантскиот Совет.

За време на учеството на Минхенската безбедносна конференција до 18 февруари, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на разговорите на претседателот Пендаровски ќе биде европската интеграција и безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.

Покрај Пендаровски и претседателот на техничката Влада Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе учествуваат на 60. Минхенска безбедносна конференција во чиј фокус годинава, како што соопшти владината прес-служба, е улогата на Европа во безбедноста и одбраната и значењето на проширувањето на ЕУ, во контекст на ситуацијата во Украина и случувањата на Блискиот Исток.