Пендаровски му се заблагодари за четиригодишниот ангажман на евроамбасадорот Жбогар

Претседателот Стево Пендаровски денеска на проштална средба го прими амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската Унија во земјава.

На средбата се разговараше за актуелните состојби во земјата по формирањето на новата Влада, како и за приоритетите и реализацијата на реформите во контекст на аспирациите за членство во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски изрази очекување дека во рамки на тековното германско претседателство со Европската Унија ќе се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи и официјалниот почеток на пристапните преговори за членство.

Заблагодарувајќи се за севкупниот ангажман во изминатите четири години и за неговите силни заложби за напредок на државата на европскиот пат, претседателот Пендаровски изрази задоволство што за време на мандатот на амбасадорот Жбогар беше донесена одлуката од страна на земјите-членки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.

Посакувајќи му успех во натамошниот професионален ангажман, претседателот Пендаровски изрази очекување дека амбасадорот Жбогар, како докажан пријател на нашата држава и во иднина ќе продолжи да дава силна поддршка за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија.