Пендаровски му се заблагодари на премиерот Левен за шведската поддршка
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Малме оствари средба со премиерот на Шведска, Стефан Левен, којшто беше и домаќин на меѓународниот форум за холокаустот.
Двајцата соговорници на средбата разговараа за актуелниот контекст во однос на очекуваниот почеток на преговорите за членство на нашата земја во Европската унија. Изразувајќи благодарност за континуираната и конзистентна поддршка од Шведска за нашата европска интеграција, претседателот Пендаровски ја истакна посветеноста на државата кон реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото и го повтори ставот дека натамошното одложување на процесот на проширување ќе има долгорочни негативни последици за развојот и стабилноста на регионот. Во таа насока, Пендаровски изрази очекување за продолжување на шведската поддршка за нашиот евроинтегративен пат.
Пендаровски истакна дека Македонија високо ја цени континуираната поддршка од Шведска за јакнење на капацитетите на македонските институции, особено во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина.
Истовремено, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката што нашата држава ја добива преку програмите на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА) во повеќе области.