Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на техничка влада (во живо)

Претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери, за состав на техничка Влада за спроведување на избори на пратеници


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на преодната Влада која ќе функционира до изборот на новата влада која ќе се формира по парламентарните избори.

По добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

Претседателот Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери за преодна Влада (Фото: Б, Грданоски)

-Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, рече Џафери.

Тој додаде дека се надева оти ќе креира соодветен состав на Владата со соодветни обврски, надлежности и одговорности кон граѓаните.

Претседателот Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери за преодна Влада

Собранието во рамки на 139. седница денеска ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.

Седницата за избор на преодната Влада, чиј состав е веќе познат, треба да биде закажана за во недела, 28 јануари.