Пендаровски му го честита на Трамп Денот на независноста на САД: Очекуваме натамошна силна поддршка за стратешките цели


Фото: Б.Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на независноста на САД упати честитка до американскиот претседател Доналд Трамп.

–По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за севкупен просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ, се наведува во честитката.

Тој изрази увереност дека во претстојниот период со уште посилна динамика ќе се развиваат билатерални однос, отворениот и конструктивен дијалог и оти ќе се градат поинтензивни економски релации.

–Заложбите за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската унија се фокусните точки на нашето континуирано политичко делување. Благодарни за сета досегашна голема поддршка од САД во остварувањето на нашите стратешки цели, граѓаните на мојата земја очекуваат несебичната поддршка да продолжи и во претстојниот исклучително важен период, нагласува шефот на државата.

-Господине Претседателе, и во оваа пригода дозволете ми да потенцирам дека Република Северна Македонија високо ја цени глобалната улога на САД во зачувувањето на нашите заеднички вредности – мирот, безбедноста и демократијата. Во таа смисла, сакам да Ве уверам дека целосно сме посветени на јакнење и содржинско збогатување на стратешкото партнерство со Вашата држава. Бидете уверени дека сме подготвени за уште потесна, конструктивна соработка на тој план, во годините што доаѓаат, додава Пендаровски во честитката до Трамп.