Пендаровски: македонскиот јазик е факт


Македонскиот јазик и македонската нација се факт и беспредметно е да се разговара за работи што се меѓународно признаени, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со тврдењето на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскит јазик е непостоечки.

„Македонскиот јазик и македонската нација се факт. Македонскиот јазик е лингивистички факт децении и децении наназад и тоа е утврдено на меѓународно ниво. Мислам дека е беспредметно да разговараме за нешто што е гол факт, ноторен факт кој го знаат сите, не само кај нас и не само кај нив, го знаат во целиот свет“, изјави Стево Пендаровски.

Тој потенцира дека и Преспанскиот договор се повикува на Конференцијата на ОН од 1979 година на која македонскиот јазик е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група и е меѓународно признаен.

– Да потсетам според Уставот на поранешна Југославија од 1974 година, таа држава имаше три официјални јазици. Еден од трите јазици беше и македонскиот јазик. Тоа значи дека кога тогашна Југославија беше членка на ОН и во личната карта како на секоја земја членка на ОН уште од 1974 година стоеше и македонскиот јазик. Значи тоа е апсолутно неспорна работа и јас навистина мислам дека би губеле време да се убедуваме дали нешто постои или не постои. Тоа постои, исто како што македонската нација е факт и околу тоа никој нормален во нашата земја нема да дебатира, ниту да потпишува договори со кого било, истакна Пендаровски.