Пендаровски: Македонците и во Австралија и во Канада зборуваат македонски


Фото: Б. Грданоски

Речиси е сигурно дека ќе има втор круг претседателски избори бидејќи праговите поставени за евентуална победа во првиот се нереално поставени, вели во интервју за МИА, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Доколку ја добие довербата од граѓаните, нема намера да бара повеќе надлежности за институцијата претседател, но жестоко ќе се спротивстави, нагласува, на евентуални обиди да се намалат тие надлежности. Ќе се залага за континуирано зголемување на буџетот за одбраната и Армијата, како и тоа претседателот на државата да биде не само врховен командант на вооружените сили, туку да биде и на чело на националната безбедност. Во таа насока, во интервјуто, меѓу другото, посочува дека со најавените измени во разузнавачко-безбедносниот сектор, претседателот треба да задржи значаен дел од надлежностите што сега ги има во таа т.н. координација на тој сектор, без да биде донесен во подредена ситуација.

Во интервјуто за МИА, Пендаровски информира дека сè уште нема добиено одговор од МВР за тоа од кого бил следен, но уверен е дека професионално, како што рече, ќе го истуркаат целиот процес до крај.

Да нема дилеми, истакнува во интервјуто Пендаровски, Македонците каде било да живеат во светот, од Австралија до Канада, зборуваат македонски јазик. Дали практиката во Грција навистина го имплементира тоа што сега го кажувам, подвлекува, тоа е внатрешна политика на државата. Нашите што живеат таму ќе си ги бараат своите права уште полесно доколку земјава стане членка на ЕУ, вели Пендаровски во интервјуто за МИА. За него, еквидистанцијата е надминат концепт во однос на односите со соседите, а освен форсирање добрососедство, нагласува, земјава нема ќар од друг концепт.

Во интервјуто говори и за пописот, кој според владина одлука треба да се спроведе првата половина од 2020 година, за трендот на иселување на младите…