Пендаровски: Маф е работата, стопанството е на колена поради корона вирусот


Ако продолжи ова темпо на кризата поради корона вирусот врз економијата, ќе ни требаат позајмици од светскиот финансиски пазар во висина од 500 до 700 милиони евра

Претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју на ТВ „Телма“ изјави дека политичките партии треба да ги надминат разликите и да направат заедничка стратегија која ќе помогне да се пребродат економските последици што несомнено ќе бидат огромни поради епидемијата со корона вирусот.

„Да ги собереме и најумните глави во државата, ако нема пари и ако средствата се лимитирани, а се лимитирани, џабе ќе носиме мерки. Ниту една мерка не е да се донесе туку така, на суво“, рече Пендаровски.

Според информации кои ги добил од луѓе од бизнисот, претседателот рече дека според нивните првични оцени, само во делот на угостителскиот бизнис (туристичките агенции, ресторани хотели и тн) штетите до сега се околу 70 милиони евра.

„Тие луѓе не работат, треба да дадат плати, да платат придонеси и тн.“, рече претседателот.

Првичните процени пак, на една од стопанските комори се дека заклучно со средината на следниот месец, ако продолжи ова темпо на кризата поради корона вирусот врз економијата, нам ќе ни требаат позајмици од светскиот финансиски пазар во висина од 500 до 700 милиони евра.

„Тие пари ние ги немаме. Мора да се задолжиме. Нема начин да се задолжите ако не работи Собранието или ако нема вонредна состојба во која Владата ќе го бајпасира Собранието во овој сегмент“, рече Пендаровски и додаде дека е апсолутно е јасно дека македонскиот буџет не може да издржи ваков огромен товар и затоа порача дека час поскоро треба да се остават партиските разлики на страна.

„Луѓе, маф ни е работата, ситуацијата во економијата е многу лоша. Се плашам дека многу брзо ќе ни требаат многу пари бидејќи стопанството е на колена“, драматично порача претседателот Пендаровски.

Ако според проценки на Светска банка се приближуваме до нула економски раст, а сме во првиот месец од овој проблем, а сите предвидуваат дека ќе трае месец, два или повеќе, ние во тој дел мора да направиме државна стратегија. Јас мислам дека е неопходно и власта и опозицијата да ги остават вообичаените препукувања што ги имаме со години и да направат заедничка стратегија, рече Пендаровски.

„Не можам да видам како било која политичка партија во ваква ситуација може да добие политички поени“, рече претседателот Пендаровски вечерва во интервју за ТВ „Телма“.