Пендаровски: Крајно време е да ја прекинеме културата на неказнивост

Никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност


Фото: Б. Грданоски

Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент, оценува претседателот на државата Стево Пендаровски по последните случувања на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Пендаровски повикува на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност, како и на соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Воедно напоменува дека потполно го разбира гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести.

Според него, крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите.

Како што наведува Пендаровски во својот писмено изнесен став, никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество, потенцира, ни треба правна држава во пракса, а не на хартија.

-Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам досега преземените дејства од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Во исто време повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани, вели претседателот Пендаровски.