Пендаровски контра Петков: Шест месеци се премногу за решавање на спорот со Бугарија

Македонскиот претседател смета дека спорот може да се реши многу побрзо отоколку временската рамка на бугарскиот премиер


Стево Пендаровски денеска е во посета на Косово

За претседателот Стево Пендаровски е прифатлив предлогот на новоизбраниот бугарски премиер, Кирил Петков, историјата да не биде единствениот фокус на разговори, но смета дека најавениот период од шест месеци за надминување на спорот, е долг бидејќи, како што кажа, спорот можело да се реши побрзо.

„Мене ми е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние, како две соседни држави, комуницираме. Да разговараме за инфраструктура, за енергетика, за економија, за трговска размена, за европски интеграции, за човекови слободи и права, но секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пред пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам. Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, рече Пендаровски, за време на посетата на Приштина.

Тој исто така негираше дека има безбедносна закана по земјава доколку не добие датум за преговори во најскоро време. На заедничката прес-конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи, Пендаровски беше категоричен дека не знае од каде доаѓаат ваквите информации за дестабилизација, бидејќи како претседател ги има сите релевантни информации од безбедносните служби и такво нешто не постои.