Пендаровски: Кога довербата во институциите е ниска, демократијата е во сериозна опасност

Во таков амбиент популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел, рече претседателот во годишното обраќање


Фото: Б. Грданоски

 

Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност, а популизмот во такви услови полесно ја остварува својата цел.

Со оваа порака претседателот Стево Пендаровски го почна своето годишно обраќање во македонскиот парламент, на кое присуствуваа пратеници од сите политички партии освен Левица и надворешни гости. Во него тој предупреди дека кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите, а политичките и физичките блокади кои ги гледаме во главниот град во изминативе месеци сигурно нема да бидат последни, најавувајќи практично бурни настани идната година.

Во однос на корупцијата Пендаровски беше поостар од лани оценувајќи дека една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата.

„Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца“, посочи претседателот.

Тој притоа побара конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, напорите, според него, ќе паднат во вода „ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци“. Правда нема да има, додаде тој, ако актуелни политичари не одат во затвор за корупција и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви.

Тој го отвори и прашањето дали Македонија плати досега превисока цена за влезот во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ, оценувајќи дека многумина го тврделе тоа, заедно со тезата дека класичен тип на војна не може веќе да се случи во Европа, што беше демантирано со воената агресија на Украина. „Зошто Македонија ѝ помага на Украина? – запраша во тој контекст Пендаровски, одговарајќи дека тоа е така не зашто сме членка на НАТО и зашто статусот ни го налага тоа.

„Малите држави мора да поддржуваат поредок заснован на правила и договори зашто во свет заснован на сила нашите шанси за опстојување се мали“, порача Пендаровски во говорот, додавајќи дека ние меѓу последните во регионот направивме држава на Балканот и тоа искуство нѐе направи способни да ги препознаеме  хегемонистичките модели на однесување. Притоа тој укажа на уште една закана – дека не може да се исклучи зголемување на тензиите и во нашиот регион како рефлекс на  војната во Украина.  

„Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион – веќе имаме украински бегалци, имаме руски државјани и фирми формирани од нив, регистрираме зголемен интензитет на кибер напади, а свој потенцијал имаат и старите, добро познати фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии“, рече Пендаровски. 

 

Фото: Б. Грданоски

До ЕУ Пендаровски упати апел и повик да не дозволи новиот фокус на регионот да  биде само епизода предизвикана од војната во Украина, што ќе трае додека траае и војната. Тој посочи повторно дека поддршката за ЕУ драматично се намалува и дека сме на критична точка.

„Ова лето бевме сведоци на масовни протести и длабоки поделби меѓу граѓаните за т.н. француски предлог со наратив дека станува збор за судбинска одлука која ќе ја дефинира нашата иднина. По пет месеци убеден сум дека одлуката околу него не е ниту историски триумф ниту историски пораз“, порача Пендаровски.

Тој притоа ја отфрли тезата дека со прифаќањето на предлогот на Франција само како Бугари ќе влеземе во Унијата, бидејќи, според него, нема начин Македонец да стане Бугарин и дека сите практични чекори по прифаќањето на францускиот предлог покажаа дека формулацијата за македонскиот јазик е јасно потврдена и дека поголеми опасности за негово опстојување има од нашата негрижа за него отколку од надвор. 

„Модифицираниот француски предлог, поради кој се поделивме до невидени граници, предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Европската унија, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин“, рече Пендаровски.

Според него, тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза.

„Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ. И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика. При тоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Франција или на пример, на германскиот канцелар, им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Европа“, нагласи Пендаровски.

Пендаровски рече дека практичните чекори по усвојувањето на т.н. „францускиот предлог“ само потврдиле дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката била недвосмислена, што, како што наведе, беше јасно потврдено со потпишување на договорот со Фронтекс.

Потоа тој се осврна повеќе на внатрешните случувања со оценка дека еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година, не сме имале подолг период на мирен развој на државата. Пендаровски истакна дека мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.

„Од катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, преку конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008/2009-та, длабоката внатрешна политичка криза која заврши со упадот во Собранието и од која сѐ уште ги лечиме раните, и на крајот, пандемијата и војната во Украина, мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата“, нагласи Пендаровски.

Дел од овие циклични кризи, како што посочи, во континуитет беа предизвикани од екстерни фактори врз кои ние имавме мало или никакво влијание – распадот на Југославија, геополитичките тензии, финансиските, економските и здравствените кризи – регионални и глобални потреси кои повеќе или помалку го забавуваа прогресот на сите држави, независно од нивната големина и моќ.

„Меѓутоа, генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до нас, денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво. Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност“, потенцира претседателот. Во таков амбиент, додаде тој, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност.

 

Фото: Б. Грданоски

Добар дел од говорот тој посвети и на уставните промени што треба да ни го отворат патот за преговорите со ЕУ. Притоа оцени дека ни е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија.

„Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја“, порача претседателот, повикувајќи ги пратениците да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.

„Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт“.

Нашата обврска за промена на Уставот, според него, не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, но останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност“ која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.

„Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент“, порача Пендаровски. Сепак, рече тој, фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, како што нагласи, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските.

Притоа тој наведе неколку историски примери како  Македонците знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници, потсети Пендаровски.

Дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори? – ја постави Пендаровски дилемата, одговарајќи сам дека и Бугарија и Романија како членки на Унијата петнаесет години неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната.

Затоа, според Пендаровски ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани.

„Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат – резултати“, порача претседателот Пендарвоски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Власта, според Пендаровски, мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но и од опозицијата.

Таков предлог, според него, треба да дојде, од најмалку две причини: прво, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и второ, ако не го собереме сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго. (Н.В.)