Пендаровски: Ќе се вакцинирам, но прво треба здравствените работници да се заштитат


Претседателот Стево Пендаровски во интервју за МРТ рече дека, сите кои имаат влијание во своите средини треба да се вакцинираат за да покажат дека граѓаните нема од што да се плашат.

-Не би сакал да бидам баш прв, зашто пред мене има здравствени работници кои директно работат со заразените и се разбира не би сакал ако првата квота е лимитирана, не би сакал да земам од нивната квота. Меѓутоа, во оној момент кога ќе се процени дека има доволно за сите здравствени работници, и оние кои се на првата линија на фронтот, се разбира, јас сум тука да го направам со целото мое семејство, рече Пендаровски.

Вели дека недозволено е за една држава на социјалните мрежи и традиционалните медиуми да доминираат луѓе кои не се доктори и кои не се експерти за пандемијата.

-Тоа е исто како јас да ви кажувам за 5Г, ако сум јас претседател. 5Г, Бил Гејтс, сите тие комбинации и конспирации сте ги слушале, но јас не се разбирам од таа работа, вели Пендаровски.

Појаснува дека вакцините кои граѓаните ширум светот треба да ги примат се резултат на испитувања кои траат со месеци од страна на најголемите умови кои светот ги има.

-Не можете да го негирате тоа и да го ставите во еднаква позиција со некои шарлантани на социјалните мрежи кои не се доктори и ни кажуваат дека тоа е чипирање на луѓето. Одбивам таква дебата. Во 21 век мораме да ја слушаме струката и науката, вели Пендаровски.