Пендаровски ќе присуствува на крунисувањето на кралот Чарлс
Претседателот Стево Пендаровски како претставник на Македонија ќе присуствува на церемонијата на крунисувањето на британскиот крал Чарлс на 6 мај. Шефот на државата ја прифатил поканата која пристигнала од Бакнгемската палата, потврди неговиот кабинет.

Тој придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, на 19 септември лани во Вестминстерската опатија во Лондон присуствуваше на Државната погребна служба на кралицата Елизабета Втора.
На крунисувањето биле поканети шефови на држави со кои Лондон има целосни дипломатски односи, како и претставници на британските региони и прекуокеанските територии.
Се очекува на церемонијата да присуствуваат шефовите на држави и претставници од голем број клучни британски сојузници и земји од Комонвелтот.
Анджеј Дуда, полскиот претседател, е првиот шеф на државата кој е потврден дека ќе присуствува на настанот.
Американскиот претседател Џо Бајден, ќе го претставува неговата сопруга, Џил Бајден.
Велика Британија не испратила покани за церемонијата на крунисување на кралот Чарлс до лидерите на Русија, Белорусија, Иран, Мјанмар, Сирија, Авганистан и Венецуела, изјави за локални медиуми неименуван извор.